08.06.2026 ДВОЈНО ПРИЗНАНИЕ ЗА ФАРМАХЕМ НА БИЗНИС ФОРУМОТ ЗА ОДРЖЛИВОСТ 2026

Клубот на одговорни бизниси на Конект, во партнерство со Министерството за економија и труд на Р.С. Македонија, со поддршка на Фондот за население на ОН (UNFPA) и Австриската агенција за развој (АДА), ги додели наградите „Предводници на одржливиот развој“ на 8 јуни 2026 година во Клубот на пратеници во присуство на над 100 претставници од бизнис секторот, институциите и граѓанските организации. 

Во рамки на Бизнис форумот за одржливост, наградата за родово-одговорни семејни политики за мали и средни претпријатија беше доделена на Фармахем. Ова значајно признание претставува потврда за нашата континуирана посветеност кон создавање инклузивна, правична и поддржувачка работна средина. Низ практики како флексибилни работни аранжмани, еднакви можности за развој и напредување, правична плата, грижа за благосостојбата на вработените и бројни други иницијативи коишто ги надминуваат законските стандарди, активно придонесуваме кон подобар квалитет на живот и одржлив развој. 

Исто така, повелбата „Горан Лазаревски“ за заслуги во одржливиот развој беше доделена на извршната директорка на Фармахем, г-ѓа Марјонка Велјановска, како признание за нејзиниот исклучителен професионален придонес во унапредувањето на одржливите и општествено одговорни практики во Македонија. Првата награда за Општествена одговорност за Фармахем во 2008 година ни беше врачена токму од почитуваниот г-н Горан Лазаревски како прв претседател на УО на Конект, врвен професионалец кој го поддржуваше бизнисот и граѓанското општество. За нас ова претставува голема чест и признание во негово сеќавање.

Упатуваме искрена благодарност до организаторите на Бизнис форумот за одржливост за продолжувањето на овие значајни награди, како и честитки до сите компании и поединци кои беа препознаени за своите достигнувања во областа на одржливоста.

Заедно продолжуваме да го градиме патот кон поодржливо, поправедно и поодговорно општество за сегашните и идните генерации.

.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Назад до новости

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, п. фах 39, тел: +(389 2) 2031 193, е-пошта: farmahem@farmahem.mk