Редовна контрола на масностиите во крвта

Холестеролот, како една од најважните компоненти на маснотиите во крвта, е особено важен за нормално функционирање на организмот. Од него се изградени клеточните мембрани, а учествува и во создавањето на жолчни киселини и некои хормони. Иако организмот не може да функционира без него, сепак зголеменото ниво на холестерол во крвта е еден од главните ризик фактори за појава на кардио-васкуларни заболувања. Холестеролот може да биде “добар” (HDL) и “лош” (LDL).

“Лошиот” холестерол се таложи на ѕидовите од крвните садови, создава наслаги и го намалува нивниот пречник. Со тоа, протокот на крвта е значително отежнат, а во најлош случај може да дојде и до комплетно затнување на крвниот сад. Овој процес на формирање наслаги по ѕидовите на крвните садови се нарекува атеросклероза, а основни фактори за негово појавување се: пушењето, неправилната исхрана, возраста итн.

Од друга страна пак, “добриот” холестерол го штити организмот од појава на атеросклероза и го намалува ризикот од  појава на кардио-васкуларни заболувања. Исто така, како ризик фактор за појава на срцеви заболувања се и триглицеридите, кои најчесто се поврзуваат со одредени состојби на организмот, како: гојазност, дијабетес, зголемен крвен притисок итн. Обично, нивото на триглицеридите во крвта е зголемено кога “добриот” холестерол е намален.

VLDL, или липопротеин со многу мала густина е вид на „лош холестерол“ затоа што го засилува таложењето на холестеролот врз ѕидовите на артериите и го забрзува процесот на атеросклероза, а со тоа и ризикот од срцеви заболувања и инфаркт. Бидејќи VLDL во својот состав содржи голем процент триглицериди, може да предизвика и замастување на црниот дроб.

Коефициентот на атеросклероза е однос помеѓу вкупниот холестерол и HDL и е многу важен фактор за предвидување на ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Колку е повисок овој однос, толку е повисок и ризикот за срцеви заболувања.

Според статистиката, половина од сите смртни случаи во светот се предизвикани токму од кардио-васкуларни заболувања. Зголеменото ниво на маснотии во крвта најчесто нема симптоми, па најголем дел од луѓето и не знаат дека всушност припаѓаат во таканаречената ризична група. Затоа, редовните контроли на крвта со кои ќе се одреди концентрацијата на триглицеридите, вкупниот, “добриот” и “лошиот” холестерол, се од особено значење за навремено откривање и превенција на кардио-васкуларни заболувања. Во лабораториите на “ДИЈАГНОСТИКА ФАРМАХЕМ” се врши брзо и точно одредување на сите типови на маснотии во крвта на најсовремени апарати, со реагенси со висок квалитет.

M.Sc. Bio. Васе Калајџиска, м-р по биолошки науки 


Контакт:

ПЗУ ДИЈАГНОСТИКА ФАРМАХЕМ
тел.: 02/20 31 905, 02/240 33 55
моб.: 071/ 30 60 19
е-пошта: lab@farmahem.com.mk



.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, п. фах 39, тел: +(389 2) 2031 193, е-пошта: farmahem@farmahem.mk