Исхрана за време на второто тримесечје во бременоста

Во второто тримесечје вашето тело веќе се има приспособено на новиот мал станар. Мачнините веќе се престанати и вашиот апетит сега се враќа. Многу мајки се прашуваат што да јадат, колку килограми ќе добијат, па како ќе ги намалат и сл.

Колку за олеснување, еве малку податоци:

Во текот на целата бременост на вашето тело му требаат дополнителни 100.000 ‒ 130.000 калории, главно складирани во облик на масти. Ако на ова се додаде просечната тежина на бебето и плодовата вода, трудниците просечно добиваат од 12,5 до 14 килограми за целата бременост. На прв поглед бројот на калории изгледа голем, но кога ќе се подели со деновите на бременоста, тоа се само 460 дополнителни калории дневно, или две парчиња леб со мармалад и чаша млеко.

Важно е да запомните дека бременоста не е период кога треба да се обидувате да ги намалувате килограмите.

Доколку внесувате помалку калории отколку што му е потребно на вашето тело, тоа може да му наштети на развојот на вашето дете, а притоа се создаваат и токсини коишто нема да го поштедат ни бебето. Ако внесувате помалку калории, вашето бебе секако ќе земе од вас сѐ што му е потребно за раст и развој, а вие ќе почнете да се чувствувате уморно, може да се јави и анемија.

Калциумот и витаминот Д се важни за здравиот развој на забите и коските на вашето бебе. Во овој период се развива и тироидната жлезда, па затоа треба да се внимава и на внесувањето јод. Треба да се внимава и на внесувањето доволни количини железо, за да се спречи анемија.

Калциумот покрај за бебето, е важен и за вас, бидејќи ако не го внесувате во доволна количина, може да се зголеми ризикот од остеопороза во подоцнежните години. Калциумот исто така штити и од прееклампсија ‒ состојба на ненадејно и големо покачување на крвниот притисок, коешто често се открива токму во овој период.

 

Храната којашто е препорачлива за овој период е: еколошко немасно и полумасно млеко и млечни производи, леблебија, сусам, соино млеко обогатено со калциум, бадеми, грав, тофу, зелен листен зеленчук.

Од 14-тата недела кај вашето бебе почнува да се развива тироидната жлезда и се создаваат хормони, затоа е потребен и јод. По природен пат можете да го внесете со консумирањето: алги, спанаќ, сусам, блитва, аспарагус, лук, јогурт, јагоди, јодирана сол.

Витаминот Д и омега-3 есенцијалните масни киселини се важни за здравиот развој на очите и мозокот на бебето. Витаминот Д исто така може да го намали ризикот од прееклампсија. Затоа е потребно да се внесува храна богата со витамин Д: ленено семе, ореви, печурки, особено шитаке, млеко обогатено со витамин Д и секако, секојдневно изложување на сонце, со внимавање на периодот на изложување (пред сѐ во летните месеци). Ова се препорачува особено по последните испитувања со кои е дојдено до заклучок дека недостатокот од витамин Д може да го зголеми ризикот од појава на дијабетес и болести на тироидната жлезда во подоцнежните животни периоди на вашето дете.

Многу е важно да се внесува железото во текот на бременоста, заради спречување на појавата на анемија. По природен пат може да се внесе преку повеќе производи: џигер, школки, говедско месо, сардини, грав, соја, леќа, леблебија, спанаќ, цвекло, коприва, зелка, кељ, прокељ, брокула, семки од тиква, сусам, лен, овес, суви кајсии, кикирики, ореви, бадеми итн.

Мери Спасовска-Гичева, дипл. биохем.

 

Контакт:

ПЗУ ДИЈАГНОСТИКА ФАРМАХЕМ

тел.: 02/20 31 905, 02/240 33 55

моб.: 071/ 30 60 19

е-пошта: lab@farmahem.com.mk


.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, п. фах 39, тел: +(389 2) 2031 193, е-пошта: farmahem@farmahem.mk