Отпорност кон антибиотици

Факти коишто се потврдени:

  • oтпорноста на антибиотици е една од најголемите закани за глобалното здравје, безбедноста на храната и развојот денес;
  • oтпорноста на антибиотици може да влијае на секого, на која било возраст, во која било земја;
  • oтпорноста на антибиотици се јавува природно, но несоодветната употреба на антибиотиците кај луѓето и животните го забрзува процесот;
  • сè поголем број инфекции – како што се пневмонија, туберкулоза, гонореја и салмонелоза – стануваат сѐ потешки за лекување бидејќи антибиотиците што се користат за нивно лекување стануваат помалку ефикасни;
  • отпорноста кон антибиотиците доведува до подолг престој во болница, повисоки медицински трошоци и зголемена смртност.

 

Антибиотиците се лекови коишто се користат за спречување и лекување бактериски инфекции. Отпорноста на антибиотици се јавува кога бактериите се менуваат како одговор на зголемената употреба на овие лекови. 

               Бактериите, а не луѓето или животните, стануваат отпорни на антибиотици. Овие бактерии може да заразат други луѓе и животни, а инфекциите што ги предизвикуваат се многу потешки за лекување отколку оние предизвикани од нерезистентни бактерии.

               На светско ниво треба да се промени начинот на кој и причините поради кои се препишуваат и се користат антибиотиците. Промените во однесувањето кон антибиотиците мора да вклучуваат и активности за намалување на ширењето на инфекции преку вакцинација, миење раце, практикување побезбеден секс и добра хигиена на храната.

               Отпорноста на антибиотици се зголемува на опасно високи нивоа во сите делови на светот. Нови механизми за отпорност на бактериите се појавуваат и се шират на глобално ниво, загрозувајќи ја човечката способност за лекување на вообичаените заразни болести.

               Во земји каде што може да се купат антибиотици за човечка или животинска употреба без рецепт, појавата и ширењето на отпорноста кон антибиотиците се зголемуваат. Слично на тоа, во земјите без стандардни упатства за третман, антибиотиците често се препишуваат од здравствените работници и ветеринари и прекумерно се користат од јавноста.

               Без итна акција, се движиме кон постантибиотска ера, во која вообичаените инфекции и помалите повреди можат повторно да убијат. Кога инфекциите повеќе не можат да се лекуваат со антибиотици од прва линија, мора да се користат поскапи лекови. Подолгото времетраење на болеста и лекувањето, често во болниците, ги зголемува трошоците за здравствена заштита, како и економскиот товар на семејствата и општествата.

               Отпорноста на антибиотици ги става на ризик достигнувањата на модерната медицина. Трансплантацијата на органи, хемотерапијата и операциите како царски рез стануваат многу поопасни без ефективни антибиотици за превенција и третман на инфекции.

 

Како да се одбележи Светската недела на свесноста за антибиотиците?

Зголемете ја свеста кај децата: Научете ги децата за основната хигиена ‒ замолете ги често да ги мијат рацете, да не оставаат отворени исеченици и рани, да одржуваат безбедно растојание од членовите на семејството кога се болни и слично. Родителите исто така мора да ги научат децата да одржуваат чиста домашна средина и да ги мијат рацете пред јадење. Овие мали, но важни чекори ќе спречат инфекции и ова е најдобрата одбрана против отпорноста на антибиотици.

Консумирајте здрава храна: Консумирањето повеќе овошје и зеленчук е едноставен начин да го зголемите внесувањето на хранливите материи. Оваа храна содржи витамин Ц и други хранливи материи коишто помагаат да се зајакне имунолошкиот систем и да се заштитите од инфекциите. Некои познати зеленчуци со антимикробни и антигабични својства се: кромидот, лукот, власецот, празот итн.

Лабораториски испитувања: По препорака од вашиот лекар, најдобро е да се направат некои лабораториски испитувања коишто би му помогнале да установи дали станува збор за вирусна или бактериска инфекција. Основните анализи коишто можат да помогнат во дијагностицирањето се: комплетната диференцијална крвна слика, ЦРП, седиментација. Доколку вашиот лекар установи дека има потреба, секако ќе ви препорача и дополнителни испитувања.

Бидете среќни: Да се ​​остане среќен е важно за целокупното здравје. Според експертите, инциденцата на инфекции и други состојби е помала кај среќните луѓе. Дури и да се разболат, брзо закрепнуваат. Оттука, човек мора да се фокусира на работите што го прават среќен.

Мери Спасовска-Гичева, дипл. биохем.

 

Контакт:

ПЗУ ДИЈАГНОСТИКА ФАРМАХЕМ

тел.: 02/20 31 905, 02/240 33 55

моб.: 071/ 30 60 19

е-пошта: lab@farmahem.com.mk


.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, п. фах 39, тел: +(389 2) 2031 193, е-пошта: farmahem@farmahem.mk