Соодносот албумин / креатинин во урината (UACR) претставува лабораториски параметар со висока клиничка релевантност за процена на гломеруларната пропустливост и за рано откривање бубрежно оштетување. Албуминуријата честопати може да се појави пред намалување на eGFR, поради што UACR се смета за важен ран показател за бубрежен, но и за кардиоваскуларен ризик.
Определувањето на UACR е особено индицирано кај пациенти со дијабетес мелитус тип 1 и тип 2, артериска хипертензија, воспоставена кардиоваскуларна болест, како и кај лица со семејна анамнеза за хронична бубрежна болест. Кај дијабетичната популација, UACR претставува дел од стандардниот годишен скрининг-протокол, паралелно со процена на eGFR.
За разлика од 24-часовното собирање урина, коешто е понепрактично и подложно на грешки при собирањето, UACR се одредува од свеж поединечен примерок урина, по можност од среден млаз на првата утринска урина. Доколку не е достапна прва утринска урина, може да се користи и примерок земен во друго време од денот. Односот со креатининот ја намалува варијабилноста поврзана со степенот на хидрираност, притоа задржувајќи задоволителна дијагностичка сигурност.
Референтна интерпретација:
Единичен покачен резултат нема дијагностичка тежина самиот по себе. Албуминуријата подлежи на физиолошка и патофизиолошка варијабилност. Таа може привремено да се зголеми при фебрилна состојба, уринарна инфекција, зголемен физички напор, менструален циклус, декомпензирана гликемија или при неконтролирана хипертензија.
Поради тоа, KDIGO (Kidney Disease: Improving Global Outcomes – меѓународна организација која издава клинички упатства во областа на бубрежните заболувања) препорачува потврда на наодот со повторно тестирање во период од 3 месеци, при што два од три наода треба да бидат позитивни за да се постави дијагноза на перзистентна албуминурија.
Клиничката интерпретација секогаш треба да се врши во контекст со eGFR, крвниот притисок и метаболичкиот статус на пациентот, бидејќи комбинацијата на овие параметри го дефинира стадиумот и прогностичкиот ризик според класификацијата на KDIGO за хронична бубрежна болест.
UACR е едноставна и неинвазивна анализа со голема клиничка вредност, бидејќи овозможува рано препознавање бубрежен ризик и навремена интервенција во фаза кога сè уште може да се забави или да се спречи понатамошно влошување на бубрежната функција.
д-р Владимир Андовски,
специјалист по медицинска биохемија
ПЗУ ДИЈАГНОСТИКА ФАРМАХЕМ
тел.: 02/20 31 905, 02/240 33 55
моб.: 071/ 30 60 19
е-пошта: lab@farmahem.com.mk