Нетолеранција на глутен или целијакија

Нетолеранцијата на глутен е доста честа појава во денешно време и се карактеризира со негативни реакции на глутенот, протеин којшто се наоѓа во пченицата, јачменот и ’ржта. Се проценува дека 99 % од луѓето кои имаат нетолеранција на глутен, или целијакија, не се дијагностицирани со оваа состојба. Исто така, се проценува дека речиси 40 % од светската популација се нетолерантни на глутен.

Кои се симптомите на болеста целијакија?

1. Пролив, гасови, запек и измет со непријатен мирис

Поединци со целијакија доживуваат воспаление во тенкото црево по консумирање глутен. Ова ја оштетува цревната слузница и доведува до слаба апсорпција на хранливи материи, што доведува до значителни дигестивни непријатности и честа дијареа или запек.

Честата дијареа може да предизвика некои големи здравствени проблеми, како што се губење електролити, дехидрација и замор.

2. Болеста целијакија и заморот

Чувството на замор е вообичаено кај луѓето со автоимуни нарушувања, вклучително и болеста целијакија. Може да се јават невролошки симптоми, како што се вртоглавица или чувство на нерамнотежа.

3. Кожни реакции

Нетолеранцијата на глутен може да влијае и на вашата кожа. Иако секој што има целијакија е чувствителен на глутен, некои луѓе со оваа состојба не доживуваат дигестивни симптоми коишто укажуваат на целијакија. Утврдено е дека некои кожни заболувања се подобруваат со исхраната без глутен. Некои од промените на кожата се:

Псоријаза ‒ Оваа воспалителна состојба се карактеризира со лупење и црвенило на кожата;

Алопеција ареата ‒  Ова е автоимуна болест којашто се пројавува како губење на косата без лузни;

Хронична уртикарија ‒ Ова е кожна состојба којашто се карактеризира со повторливи розови или црвени лезии со бледило што предизвикуваат чешање.

4. Депресија и анксиозност

Депресијата погодува околу 6 % од возрасните секоја година. Симптомите, коишто често вклучуваат чувство на безнадежност и тага, може да имаат големо влијание врз секојдневниот живот. Депресијата и анксиозноста се особено чести кај луѓето кои имаат целијакија.

Постојат неколку теории за тоа како може нетолеранцијата на глутен да предизвика депресија. Тие вклучуваат:

Атипични нивоа на серотонин ‒ Серотонинот е невротрансмитер којшто им овозможува на клетките да комуницираат. Општо е познат како еден од хормоните на „среќата“, бидејќи намаленото ниво е поврзано со депресија;

Глутен егзорфини ‒ Овие пептиди се формираат за време на варењето на некои глутенски протеини. Тие можат да влијаат на централниот нервен систем, што може да го зголеми ризикот од депресија;

Промени во цревната микрофлора ‒ Зголеменото количество штетни бактерии и намаленото количество корисни бактерии може да влијае на централниот нервен систем, зголемувајќи го ризикот од депресија.

5. Болеста целијакија предизвикува и необјаснето губење на тежината

Неочекуваните промени во тежината често се причина за загриженост. Иако може да се појави поради различни причини, необјаснетото губење на тежината е чест несакан ефект на недијагностицирана целијакија. Тоа може да биде проследено со различни дигестивни симптоми, најчесто со слаба апсорпција на хранливи материи.

6. Анемија поради недостаток на железо

Недостатокот на железо е најчестиот недостаток на хранливи материи и сочинува 50 % од сите случаи на анемија во светот. Недостатокот на железо предизвикува симптоми како што се: низок волумен на крв, замор, отежнато дишење, вртоглавица, главоболки, бледа кожа, слабост. Кај болеста целијакија, апсорпцијата на хранливи материи во тенкото црево е нарушена. Оттука е и намалената апсорпција на железо од храната.

Анемијата со дефицит на железо може да биде еден од првите симптоми на целијакија што ги забележуваат здравствените работници.

7. Автоимуните нарушувања и болеста целијакија

Болеста целијакија е автоимуна болест поради која имунолошкиот систем го напаѓа вашиот дигестивен тракт по консумирањето глутен. Поради оваа автоимуна состојба станувате повеќе склони кон други автоимуни состојби.

Луѓето со оваа болест најчесто имаат и други автоимуни болести, како што се Хашимотов тироидитис, ревматоиден артритис, лупус, псоријаза, улцеративен колитис, скелодерма или мултиплекс склероза, дијабетес тип 1, воспалителна болест на цревата.

8. Воспаление, оток или болка во зглобовите (прсти, колена, колкови)

Луѓето чувствуваат болка во зглобовите и мускулите поради повеќе причини.

Се претпоставува дека луѓето со целијакија имаат генетски предуслов за хиперсензитивен, односно премногу чувствителен нервен систем. Затоа тие може да имаат помал праг за активирање сензорни неврони коишто предизвикуваат болка во мускулите и зглобовите.

9. Вкочанетост на нозете или рацете

Друг изненадувачки симптом на нетолеранцијата на глутен е невропатијата, којашто вклучува вкочанетост или боцкање во рацете и нозете. Некои истражувања укажуваат дека луѓето со целијакија, исто така, може да бидат изложени на поголем ризик од развој на оваа невропатија, којашто може да биде предизвикана од присуството на одредени антитела.

Мери Спасовска-Гичева, дипл. биохем.

 

Контакт:

ПЗУ ДИЈАГНОСТИКА ФАРМАХЕМ

тел.: 02/20 31 905, 02/240 33 55

моб.: 071/ 30 60 19

е-пошта: lab@farmahem.com.mk


.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, п. фах 39, тел: +(389 2) 2031 193, е-пошта: farmahem@farmahem.mk