30.06.2014 Тековни активности на Програмата за зачувување на природата во Македонија

Посета на амбасадорот на Швајцарската конфедерација на локалната канцеларија на ПЗП во Македонија

На 17 јуни 2014 година, Aмбасадорот на Швајцарската конфедерација во Република Македонија Н.Е. Стефано Лазарото ја посети локалната канцеларија на Програмата за зачувување на природата во Македонија координирана од Фармахем. Координаторот за локални активности, Јасминка Пашалиска-Андоновска,  му ги презентира тековните активности за зачувување на природата во Брегалничкиот регион, како и за соработката на Програмата за зачувување на природата во Македонија со останатите два проекти кои се реализираат во Брегалничкиот регион со поддршка на Швајцарската конфедерација.

Амбасадорот Стефано Лазарото при посетата на локалната канцеларија во Пехчево изрази задоволство од реализацијата на досегашните активности на Програмата во Брегалничкиот регион и посака и понатамошен успех во рамките на Програмата.

 

Одбележан 22 мај, меѓународниот ден на биолошката разновидност

Фармахем во рамките на Програмата за зачувување на природата во Македонија беше еден од организаторите на одбележувањето на 22 мај, меѓународниот ден на биолошката разновидност во Делчево. Преку интерактивни еколошки игри, цртежи и експерименти најмладите од основните училишта од Делчево на креативен начин ја искажаа грижата за природата. Присутните граѓани имаа можност да ја видат и изложбата на најуспешните фотографии од конкурсот на тема „Биолошката разновидност во Брегалничкиот регион“ кој беше објавен од страна на Програмата за зачувување на природата во Македонија. Амбасадорот на Швајцарија и Националниот тим лидер на Програмата за зачувување на природата во Македонија им врачија пригодни награди на авторите на најдобрите три фотографии. Настанот беше проследен со две предавања на тема „Биодиверзитетот во регионот“ и „Островски биодиверзитет“.

 

Потпишани договорите за изработка на „Анализа на недостатоци во еколошките податоци и изработка на карта на еколошка сензитивност за подрачјето на сливот на река Брегалница“ и  изработка на „Стратегија за развој на туризмот во источен плански регион со акционен план (2015-2024)“

На 16 јуни 2014 година, во просториите на Фармахем, се потпишаа договорите за изработка на овие документиу, помеѓу Центарот за развој на Источен плански регион, како стратешки партнер на Програмата за зачувување на природата во Македонија и избраните имплементатори Деконс - ЕМА и Идеа О.К. Реализацијата на овие активности ќе биде во период од 18  месеци.

 

Изработка на просторен план за Источен плански регион

Во тек е изработката на Просторниот план за Источниот плански регион, како една од програмските активности на Програмата за зачувување на природата во Македонија. Проектни партнери се Агенцијата за планирање на просторот, Министерството за животна средина и просторно планирање и Центарот за развој на Источниот плански регион. Се очекува Нацрт просторниот план да биде изработен до крајот на 2015 година.

 

Соработка меѓу Шумарскиот факултет и Универзитетот за применети науки  од Берн

Како дел од соработката се одржаа блок предавања на Шумарскиот факултет во Скопје од страна на реномираниот проф. д-р Јурген Бласер од Швајцарија, на кои присуствуваа преку 95 слушатели студенти, професори и претставници на релевантните институции кои работат во оваа област. Беше реализирана и теренска настава за 30 студенти од Шумарскиот факултет во Скопје во регионот на Малешевијата.

.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Назад до новости

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, п. фах 39, тел: +(389 2) 2031 193, е-пошта: farmahem@farmahem.mk