24.12.2019 „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ОФИЦИЈАЛНО СО ДВЕ НОМИНАЦИИ ЗА ОСКАР

Од денес и официјално, документарниот филм „Медена земја“ (Honeyland) е помеѓу петте номинирани филмови за престижната награда Оскар во категориите „најдобар документарен филм“ и „најдобар филм од неанглиско говорно подрачје“. Документарниот филм „Медена земја“ е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија  проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од „Фармахем“, а воедно е поддржан и од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.  

На церемонијата на 92-то доделување на Оскарите кое ќе се одржи на 9 февруари 2020 документарниот филм „Медена земја“ на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска во конкуренција за најдобар документарен филм ќе се најде покрај „American Factory“, „The Cave“, „The edge of democracy“ и „For Sama“, додека во конкуренција за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје влегоа „Corpus Christi“, „Les Misérables“, „Pain and glory“ и „Parasite“.

Ова е огромен успех и само втор македонски филм, по „Пред дождот“ на Милчо Манчевски од 1994 година, кој успеал да се најде во финалниот избор на најреномираните филмски награди и прв кој успеал да се најде во изборот во две различни категории.

Во 2019 година, „Медена Земја“ освои повеќе од 30 значајни награди и 41 номинација на најпрестижните филмски фестивали низ светот, а сè започна со освоените три награди на филмскиот фестивал „Санденс“. Престижниот New York Times го смести документарецот на врвот на листата за најдобри филмови за 2019 година.

Се надеваме дека победничкиот тек ќе продолжи и на 9 февруари ќе можеме да го прославиме и првиот македонски оскар.


.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Назад до новости

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, п. фах 39, тел: +(389 2) 2031 193, е-пошта: farmahem@farmahem.mk